Ангелов со добри вести: Пожарот „монструм“ постепено се става под контрола

од Nikola Popovski
75 прегледи

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информира дека во текот на вчерашниот ден имало 42 пожари, oд кои 31 целосно се изгаснати, а пет се ставени под контрола. Во моментов, активни се седум пожари.

Ангелов истакна дека најголемиот пожар – „монструм“ кај Македонски Брод постепено се става под контрола.

-Кракот кон Јасен е се уште активен, но со помал обем. Вториот крак од овој пожар е целосно изгаснат, но над самата викенд населба е изработен противпожарен појас кој нема да дозволи преминување на оганот. Третиот крак се движи во насока на село Белице и рибникот, каде што има дваесетина припадници на Армијата, со поддршка на локални пожарникари од Македонски Брод. Во моментов, нема опасност од пожарот да се прошири кон селото, кажа Ангелов во видео-обраќање околу состојбата со пожарите во земјава.

Во врска со пожарот во пелагонискиот регион, во Општина Новаци, Ангелов информираше дека се одлучиле денеска да дејствуваат со воздухоплови.

За пожарите во Кичево, истакна дека врз нив веќе дејствуваат со шест „ер-трактори“, додека, кај пожарот на територијата на Македонски Брод дејствуваат припадници на Национални шуми.

Од меѓународната помош во гаснењето учествуваат четири ер-трактори, два германски и два кипарски. Вчера си замина унгарскиот тим од 46 пожарникари со специјални возила кој беше стациониран во Македонски Брод.

-Да не се користат пиротехнички средства, огномети, апелираат од ЦУК.

За три лица, татко и неговите два сина поведена е постапка од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело предизвикување општа опасност. Запалиле нискостеблеста шума и суви треви на државно земјиште кај Патишка река, а пожарот постоела опасност да се прошири и кон Националниот парк „Јасен“.

Слични содржини