Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов вели дека има голем интерес, особено кај помладите, за огласот на Владата и општините за ангажирање на невработени лица за заштита и превенција од пожари. Предвидено е да се вработат 400 лица, од кои 80 на територија на Скопје.
-Мојот Фејсбук инбокс е затрупан со пораки, се извинувам затоа што не можам да одговарам на нив. Добивам многу барања и интерес и на мојот приватен телефонски број. Нашата цел од лицата кои што ќе се пријават, истите да поминат соодветна обука и да добијат соодветна заштитна опрема. Ќе бидат вклучени на полесните места во гаснењето на пожарите. Најдобрите од нив ќе бидат примени во ДЗС и Специјалниот тим за заштита и спасување – единица која треба да се формира најдоцна идната пролет, кажа Ангелов на прес-конференција со директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Ангелов посочува дека предвидената плата од 24 илјади денари плус осигурување за овие лица не е примамлива, но целта е да се селектираат квалитетни лица кои професионално ќе продолжат да работат во локалните територијални противпожарни единици и во ДЗС.
Ангелов ги коментираше објавите на социјалните мрежи, каде се појавија многу видеа околу пожарите. Дел од јавноста имаше поплаки дека сами интервенирале.
„Социјалните мрежи не ја отсликуваат државната политика. Кој ги изгасна вчерашните 66 пожари? Граѓаните ги изгаснаа? Пожарите ги изгаси државата, со поддршка на граѓаните. Кој го изгасна пожарот во Чучер Сандево? Граѓаните ги одбранија своите домови, го изгаснаа потегот околу нивните куќи, но кој гасеше високо во планината? Не го потценувам ниту го омаловажувам нивниот придонес. Вчера изгаснавме 66 пожари, тоа воопшто не е малку. Ги почитувам советите“, кажа меѓу другото првиот човек на ДЗС.