Во моментот кога ја напуштив коалицијата со СДСМ, не почнав да плукам по нив. Кажав дека имаме недоразбирања околу делот на бранителите. Работиме на нив и јас сум непоправлив оптимист, вели лидерот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов за проблемите околу измените на Законот за бранителите кој е закочен во надлежната собраниска комисија.
Иако законот е заглавен, Ангелов информира дека има добра волја кај ВМРО-ДПМНЕ.
-Сепак сега коалицискиот партнер ВЛЕН не дозволува да помине оваа измена. Многу внимавам на човечката димензија. Не е коректно ако со некого сте седеле во иста Влада четири години и кога ќе излезете, да фрлате со дрва и камења. Јас постојано бев критичен во делот на бранителите, како што сега кажувам дека повторно има блокада, кажа претседателот на Достинство во емисијата на „Слободен печат“.
Собранискиот спикер Африм Гаши во неколку наврати кажа дека тој немал деловничка можност да закаже комисија откако претседателката на собраниската комисија, Илире Даути одби да го стави законот на дневен ред. Таа пак иако доби допис од Гаши дека законот го добил потребното мнозинство за потребата , децидна е дека законот мора да оди во пакет со закон со кој што се решаваат и правата на борците на УЧК.
Пратениците на СДСМ го поднесоа законот во Собранието во јули, а тој беше ставен на дневен ред на седница во септември. Ја мина потребата за негово носење, но не беше ставен на дневен ред на Комисијата за социјална политика во предвидениот рок, а сега веќе за тоа нема можност, според објаснувањето на претседателката Даути.