Ангелова: Цврсти релации во триаголникот високо образование и наука – бизнис сектор – јавни институции се предуслов за добар квалитет

од Nikola Popovski
265 прегледи

Проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт е нов ректор на УКИМ. Редовни, вонредни професори, доценти и студенти – членови на универзитетски студентски собранија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” преку директно гласање ја избираа за прв човек на најстарата образовна институција во земјава.

– Навистина сум среќна за мојата нова функција. Сакам да бидам предводник на промените кои ќе го подобрат УКИМ. За добар квалитет во високото образование предуслов е да се воспостават цврсти релации во триаголникот: високо образование и наука – бизнис сектор – јавни институции, а за да го подобриме образованието потребно е создавање на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети кои се клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата, вели проф. д-р Ангелова.

Ангелова во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.

Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.

Во трка за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година, беа деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински, исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.

Таа е втората жена-ректор на УКИМ. Единствена ректорка на УКИМ досега била проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.

Слични содржини