Ангеловска-Бежоска: Денарот остана стабилен и за време на кризи

од Vladimir Zorba
207 прегледи

Не треба да постои никаква загриженост во однос на стабилноста на курсот на денарот. Централната банка веќе повеќе од две децении успешно ја одржува стабилноста на домашната валута во однос на еврото, вклучително и во многу кризни епизоди, низ кои поминала земјата и економијата. Ова е јасна потврда за капацитетот и адекватниот инструментариум којшто го има нашата централна банка, истакнува во интервју за Гласот на Америка, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка во Вашингтон.

За време на Пролетните средби, ММФ ги објави најновите проекции, во кои се земени предвид ефектите од војната во Украина врз глобалната економија. Во тој контекст ММФ направи надолна корекција за очекувањата за економскиот резултат годинава кај сите земји, вклучително и за нашата економија.

„Глобалниот економски раст по солидната стапка на раст од 6,1 отсто лани, оваа и наредната се предвидува на 3,6 отсто, што е значајно успорување. Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан. Во тек се макроекономските проекции, коишто ги изготвува централната банка. Ние со последниот сет на макроекономски проекции, коишто датираат од октомври минатата година, очекувавме раст од 3,9 отсто за оваа година, но со оглед на новонастанатиот шок и ризиците поврзани со тоа, тековно работиме на нови проекции, и постои голема веројатност дека ќе има надолна ревизија “, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакнува дека од големо значење во овој контекст е што банкарскиот сектор има капацитет и стабилност да го поддржи економскиот сектор.

„Банкарскиот сектор има доволен капацитет и да ја задржи својата стабилност и да му помогне на економскиот сектор за полесно да се справи со последиците од овој шок. Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти. Важно е во вакви ситуации кога глобалната и домашната економија се соочуваат со ваков шок, банкарскиот сектор за остане здраво ткиво во економијата “, вели Ангеловска-Бежоска.

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка и министерот за финансии Фатмир Бесими учествува на Пролетните состаноци на ММФ и Светска банка во Вашингтон, во рамки на кои делегацијата има средби со високи претставници на ММФ и групацијата на Светска банка.

Слични содржини