Ангеловска-Бежоска: Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика ќе има во втората половина од 2024

од Nikola Popovski
174 прегледи

Пролетните проекции за инфлацијата во земјава на Меѓународниот монетарен фонд се слични со есенските очекувања на Народната банка, дека инфлацијата ќе се намалува и годинава за околу 4% и за околу 2% догодина, во просек. Трендовите се поволни и доколку инфлацијата и натаму се намалува во согласност со проекциите, без да се остварат позначителни ризици, тоа ќе создаде простор за промена на монетарната политика во втората половина од оваа година, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Гласот на Америка, коешто го даде за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Говорејќи за економскиот раст, таа укажа дека со оглед на големата трговска и финансиска отвореност на нашата економија, изгледите за растот годинава и догодина, покрај од домашните фактори, во голема мера ќе зависат и од глобалните случувања. Според најновите проекции на ММФ, глобалната економија и натаму би растела со стабилна стапка од 3,2% во 2024 и во 2025 година, што сепак е малку подобро од претходните очекувања. Низ подолгорочна перспектива, овие стапки на економски раст се историски ниски, што говори дека кризите оставија подолгорочни последици врз глобалната економија. За ЕУ, којашто е нашата најзначајна економска партнерка, се очекува постепено забрзување на растот, односно од 0,5% во 2023 година на 0,9% и на 1,7% за годинава и за следната, но тоа сепак е побавно во однос на претходните очекувања. За македонската економија, ММФ направи надолна ревизија за годинава, односно 2,7% во споредба со претходните очекувања од 3,2%.

Гувернерката посочи дека Народната банка работи на пролетните макроекономски проекции за нашата економија, во кои ќе бидат вклучени најновите расположливи податоци. Пролетните проекции на Народната банка ќе бидат објавени во текот на следниот месец.

Во интервјуто, гувернерката се осврна и на постојаните напори на Народната банка за јакнење на транспарентноста, што беше препознаено и од испитаниците на анкетата спроведена од Светската банка, кои ја препознаа Народната банка како домашна институција со најголема доверба. Гувернерката говореше и за значењето на поддршката за женското претприемаштво, коешто може да придонесе за подигање на економскиот раст. За таа цел се и активностите на Народната банка со новиот Меморандум за поддршка на женското претприемаштво, којшто неодамна го склучи со ЕБРД. Со овој проект, Народната банка го проширува опфатот на своите активности во овој домен и како предводник на проектот, ќе работи заедно со јавниот и со приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.

Слични содржини