Геополитичките случувања, вклучително и руско-украинските тензии може неповолно да се одразат врз динамиката на заздравувањето на глобалната економија, како и на глобалните пазари на примарни производи. Директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и оттаму не се очекуваат позначителни директни ефекти. Сепак, доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата од високо ниво, насловена „Пост ковид-19 и скорешните геополитички тензии: која е новата реалност за макроекономијата и пазарите на недвижности”. Оваа конференција е во организација на централната банка на Белгија.
„Трговијата со Русија и Украина учествува со само 2% во вкупната трговска размена на нашата земја. Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5% во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1% од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито “, посочи Ангеловска-Бежоска.
На конференцијата беше посочено и дека по остриот пад за време на пандемијата, економиите од Западен Балкан постепено се опоравуваат. Сепак, динамиката од економија до економија варира и се движи од 3% до 7% раст на БДП за минатата година. Најголем дел од економиите, вклучувајќи ја и нашата земја, сеуште го немаат достигнато предкризното ниво, што во најголем дел се должи на поспорото закрепнување на инвестициите. Динамиката на заздравување на економиите во голема мера ќе зависи од пандемијата, енергетската криза, геополитичките тензии и евентуално побрзо затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари.
На панелот на конференцијата од висок профил, покрај гувернернерката на Народната банка, учествуваа и гувернерите на централните банки на Белгија, Хрватска, Израел, Грузија и вицегувернер на централната банка на Украина.