Ангеловска-Бежоска: Jа затегнуваме монетарната политика со цел одржување среднорочна ценовна стабилност

од Vladimir Zorba
179 прегледи

Народната банка уште од минатата година, преку низа инструменти го започна затегнувањето на монетарната политика, во насока на закотвување на инфлациските очекувања, вели во интервју за МТВ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

“Иако ова не е класичен шок од страна на побарувачката, инфлациските притисоци траат подолго време, подисперзирани се, влијаат на инфлациските очекувања и оттаму централните банки мора да реагираат. Нашата реакција започна уште минатата година, преку користење на повеќе различни инструменти, а пред се преку интервенција на девизниот пазар со којшто оптимално се регулираше ликвидноста којашто е во оптек. Оваа година продолживме со интервенции со каматната стапка, меѓутоа не само основната каматна стапка, се зголеми и каматната стапка на кредити преку ноќ, депозити преку ноќ, седумдневни депозити. Понатаму, реагиравме и со задолжителната резерва, веќе во четири наврати, а преземавме и други мерки коишто се во насока на постепено затегнување на монетарната политика, како на пример, воведувањето на противцикличен заштитен слој.” истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска посочува дека има позначајна разлика помеѓу инфлацијата кај нас и просечната инфлација во ЕУ и причините за тоа се неколкукратни. Прво, има голема разлика во степенот на отвореност и увозна зависност на европската економија и нашата економија, трговската отвореност кај нас изнесува 140% од БДП, а во ЕУ околу 70%. Колку е поголема увозната зависност толку економијата е поранлива на надворешни шокови. Особено висока е увозната зависност кај енергентите, но и ние трошиме повеќе енергија за производство на единица БДП од ЕУ. Значаен фактор е и структурата на потрошувачката кошничка, имено, кај нас на храната и енергијата отпаѓа околу 50-тина проценти од потрошувачката кошничка, додека во ЕУ е само 30%, а шокот е токму во тие сегменти. Дополнително, значајна улога има и видот на мерките коишто се преземаат од страна на носителите на политиките, но и степенот на конкуренцијата во домашната економија.

Меѓународните финансиски институции прогнозираат забавување на инфлацијата наредната година. Меѓународниот монетарен фонд очекува забавување на стапката на инфлација и за глобалната и за нашата економија.

Слични содржини