Шпекулативните тврдења поврзани со курсот на денарот не се поткрепени со економски аргументи. Јавноста треба да биде спокојна – денарот останува стабилен, истакнува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска.
Во изјава за „Фактор“, гувернерката на Народната банка порачува дека јавноста треба да има потполна доверба во заложбата и капацитетот на Централната банка да продолжи со постојаната монетарна стратегија на стабилен курс на денарот.
Посочува дека повеќепати досега од страна на меѓународните финансиски институции и од страна на централната банка е нагласено дека монетарната стратегија во целост одговара со структурните карактеристики на македонската економија и со определбата за економска и монетарна интеграција во Европската Унија.
– Во услови кога адекватноста на девизните резерви се потврдува преку сите релевантни показатели, нерационално е да се зборува за промена на вредноста на курсот, вели Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека појавата на шпекулации околу курсот на денарот не е новина и оти без исклучок секогаш кога државата се соочува со некаков шок, ваквите шпекулации се присутни.
Според неа, гаранција за стабилноста на курсот на денарот не е само високото ниво на девизни резерви, туку и широкиот инструментариум на мерки кои Централната банка ги има на располагање и ќе ги искористи во одбрана на курсот, доколку е тоа потребно.
– Од економски аспект, промена на вредноста на курсот не може да донесе бенефит за економијата во целина. Напротив. Таа може само да ги зголеми обврските за плаќање на оние чијшто долг е деноминиран во странска валута, да ја намали куповната моќ поради пораст на цените и да го поскапи увозот од којшто многу извозници се зависни, оценува гувернерката.
Интересно е, вели Ангеловска-Бешоска, тоа што Народната банка во изминатите неколку години постојано откупуваше вишок девизи на девизниот пазар, со што ги зголемуваше девизните резерви на природен начин. Но, досега никој не шпекулирал за зголемување на вредноста на денарот, што покажува дека обидите за наметнување дебата за прашањето за курсот на домашната валута, за жал не секогаш се од економски карактер.
Оценката дека монетарната стратегија на Народната банка за девизниот курс на денарот е соодветна за македонската економија, веќе години наназад, во рамки на своите согледби ја истакнува и ММФ. Неодамна, ваквата оцена беше посочена и од шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле според кои курсот на денарот е клучно сидро на макроекономските политики.