Ангеловска-Бежоска: Приоритет на монетарната политика и натаму е одржувањето на стабилноста

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Во центарот на вниманието на монетарната политика мора да е одржувањето на ценовната стабилност, а со тоа и на вкупната макроекономска стабилност, коишто се најдобриот придонес што таа може да го даде за економијата. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата „Задржување на домашниот раст сред постпандемично врамнотежување, ценовни притисоци и војна во Украина” во рамките на Економскиот форум организиран од „Фајненс тинк”.

Зборувајќи за тоа како да се поддржи економскиот раст, а во исто време да се стабилизира инфлацијата, предизвикана од воениот конфликт во Украина, гувернерката посочува дека особено е значајна координацијата на фискалната и на монетарната политика. На пократок рок, преку фискалните мерки може на подиректен начин да се ублажи трансмисијата од глобалниот пораст на цените на енергијата врз цените на стоките за потрошувачка, како и во одредена мера да се надомести загубата во доходот кај најранливите категории. Од друга страна, монетарната политика треба да се насочи кон одржување на ценовната и на макроекономската стабилност.

На среден рок, по стабилизирањето на состојбите, потребна е постепена фискална консолидација, а поголемо внимание на структурните реформи коишто треба да ја намалат ранливоста на економијата, да ја зголемат нејзината отпорност и потенцијал за раст.

„Општо познато е дека макроекономските политики, а особено монетарната политика, не можат да бидат замена за темелни структурни реформи. Само со структурни реформи може да се откријат точките на ранливост на економиите, да се унапредат основите и да се зголеми потенцијалот за раст, а со тоа и заштитата од идни можни шокови”, посочи гувернерката.

На панел-дискусијата, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи.

_____

Слични содржини