Ангеловска-Бежоска: Тековните геополитичките случувања може неповолно да се одрази на помалку развиените економии

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Тековните геополитичките случувања може да имаат долгорочни последици врз глобализацијата, а тоа неповолно да се одрази особено на помалку развиените економии. Ова го истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска која ги водеше дискусиите на панелот “Геополитички тензии и долгорочни макроекономски предизвици”, на кој учествуваа поранешниот генерален секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер и членот на Советот на Холандската централна банка, Фике Сиџбесма. Панелот каде гувернерката беше модератор е еден од двата панели на конференцијата на високо ниво „Макроекономски предизвици во свет со геополитички тензии, висока инфлација и нееднаквост”, во организација на централната банка на Холандија, на кој учествуваше и Кристална Георгиева, директорката на ММФ, гувернери и други високи претставници од централните банки на земјите членки на холандско-белгиската конституенца во рамки на ММФ, како и вицегувернерката Емилија Нацевска.

Во својот вовед, гувернерката истакна дека во последниот Извештај за глобалните ризици на Светскиот економски форум, гео-економските судири се вброени во трите најзначајни глобални ризици, заедно со кризата поврзана со трошоците за живеење, како и климатските промени. Една од главните закани која доаѓа од геополитичките тензии е глобалната фрагментација со што би се изгубиле придобивките од долгорочниот процес на глобална економска интеграција.

„Глобализацијата донесе многу придобивки. Преку растечката трговска, финансиска и технолошка интеграција, во последните четири децении зголемен e глобалниот доход, според некои проценки дури за дополнителни 10% од БДП во период од една деценија. Тоа особено се забележува кај помалку развиените економии, каде глобализацијата е движечка сила за доходовната конвергенција и извлекување од сиромаштијa на повеќе од милијарда луѓе, што се согледува од податокот за намалените нивоа на сиромаштија од 43,6% во 1981 година на помалку од 10% во 2019 година. Исто така, глобализацијата е еден од значајните фактори за постигнување забележителен пад на глобалната инфлација во периодот пред пандемијата”, рече Ангеловска-Бежоска.

Пандемијата, а оваа година и војната во Русија претставуваат значаен тест на глобализацијата. Трошоците од трговската фрагментација, спротивниот процес од глобализацијата, се проценуваат на 0,2% до 7% од глобалниот БДП, а доколку трговската фрагментација е проследена и со фрагментација на технологиите дури и до 12% од БДП. Ефектите од ова се поизразени кај економиите во развој, особено малите економии, кои се зависни од поголемите во поглед на трговија и технологија.

„Овие движења на глобално ниво се релевантни за економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа каде слободното движење на стоки, финансии, технологии и знаење се движечката сила на економскиот раст и на конвергенцијата”, истакна гувернерката и посочи дека трговската интеграција на оваа група земји во последните две декади влијаела на раст на БДП за дополнителни 40 процентни поени, додека финансиската интеграција придонесла за дополнителни 30 п.п. во последната деценија.

Имајќи ја предвид моменталната состојба со веќе забавената конвергенција и потребата да се одговори на најновите предизвици како што се дигиталната и енергетска трансформација на економиите, на регионот му е потребна силна интеракција и интеграција со развиените европските економии, заклучи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Слични содржини