„Минатата година дефицитот на тековната сметка на платниот биланс, според октомвриските проекции, се проценува на околу 7% од бруто домашниот производ (БДП), а на среден рок се очекува постепено намалување на околу 3% од БДП во просек. Зголемувањето на надворешно-трговскиот дефицит минатата година, доминантно како резултат на растот на цената на енергентите, влијаеше на проширување на дефицитот на тековната сметка, во услови кога останатите компоненти, а посебно приватните трансфери, имаа позитивно влијание. Трговскиот дефицит, исто така, се очекува да се стабилизира на среден рок, што ќе резултира со стеснување на дефицитот на тековната сметка”, изјави за „Блумберг”, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на маргините на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на Еуромани.
Поизразените притисоци на увозната страна, не се очекува значајно да ја загрозат надворешната рамнотежа, имајќи го предвид високото ниво на приватни трансфери, кои покриваат значаен дел од трговскиот дефицит. Во првите девет месеци од 2022 година тие достигнаа околу 1,8 милијарди евра, или за 30,5% повеќе во однос на истиот период од претходната година. За годинава се очекува дефицитот на тековната сметка да се сведе на 5,6% од БДП, а потоа да продолжи да се намалува под претпоставка за постепено исцрпување на негативните ефекти од војната во Украина и стабилизирање на цените на енергенсите. Финансиските нето-приливи во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка, создавајќи услови за дополнителна кумулација на девизните резерви на среден рок. Значајно е да се напомене дека во целиот период на проекцијата се очекува задржување на девизните резерви на соодветното ниво, кои на крајот на декември 2022 година достигнаа 3,8 милијарди евра, што е едно од историски највисоките нивоа на девизни резерви во земјава.