Никогаш досега Македонија не успеала да победи една така трофејна селекција. Овие момци уште еднаш ја направија Македонија горда. Го победивме четирикратниот светски и трикратниот европски шампион. Радувај се Македонијо, слави ги овие херои, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски по историската победа над Германија со 2:1 вечерва во 3.коло од квалификациите за СП 2022 во Катар.
Тој упати и порака кон претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини кој сакаше да го смени пред дуелите со Грузија и Косово и одолговлекуваше со новиот договор.
„Не прифаќам омаловажувања и опструкции кои сега сите добро знаете дека се случуваа. Знаете на кого се однесува ова. Се надевам дека сега ќе се свестат и ќе знаат да го ценат овој успех. Ова е победа за целиот македонски народ. Кога Јоаким Лев ќе дојде и ќе ви честита и кога пред мечот ќе ви даде признаение дека добро сте работеле пет години, мислам дека се е кажано“, додаде Ангеловски.