Ангеловски за Локално: Елмас прави кам бек, Адеми со мали шанси, Ристевски и натаму неизвесен за минутажа

514 прегледи

Македонската фудбалска репрезентација задутре во Тбилиси го игра историскиот меч за пласман на Европското првенство следната година.

Националниот состав речиси непроменет ќе биде предводен од селекторот Игор Ангеловски, кој во кратка телефонска изјава за локално.мк ги кажа своите очекувања за натпреварот против веќе познатиот противник Грузија.

„По утрешниот официјален тренинг во Тбилиси, да ги одберам оние единаесетмина со кои ќе го започнам мечот. Имаме некои технички проблеми како што е познато, многу се мали шансите Адеми да може да го одигра овој натпревар, така што кога конечно ќе знаеме дали ќе игра или ќе отпадне од составот ќе имаме слика за првите 11мина. Но, без разлика кој и да настапи, од она што го практикувавме на натпреварите изминатиот период не планирам да отстапам. Така што со ист пристап и иста филозофија ќе го одиграме и ова финале. Добро е што и Кире Ристевски ќе има можност да биде дел од тимот, нормално ќе видиме со колкава минутажа, кадешто ќе добиеме уште една опција во играта. Мислам дека сите кои ќе имаат можност да го одиграат мечот се доволно квалитетни и кадарни да го одиграат овој натпревар, да го добиеме и Македонија конечно да се пласира на Европско првенство“, истакна Ангеловски.

Прашан и како ќе го искоментира англискиот арбитар, Ентони Тејлор кој е познато судиско име, Ангеловски вели:

„Јас никогаш не ги коментирам судиите, посебно не пред натпревар, но не го практикувам ниту по натпревар тоа. Судиите се реномирани арбитри, тоа е оној ист судија кој го судеше последниот Суперкуп помеѓу Баерн Минхен и Севиља, суди и во Премиер лигата. Мислам дека не треба да се занимаваме со судењето, туку да бидеме сконцентрирани на нашата цел“, заврши Ангеловски.

За потсетување на 12. ноември, нашата репрезентација е на чекор од историски пласман, а натпреварот ќе може да се следи со почеток од 18:00 часот.

А.В

Слични содржини