Анѓелковиќ: Не верувам дека Вучиќ ќе ризикува ниво на радикализација што би го довело во ситуација каде што нема каде да избега на Запад – не е склон да живее во Русија или Кина

Студентите во блокада се свесни дека борбата против режимот на Вучиќ е маратон, а не трка на 100 метри - вели српскиот аналитичар Анѓелковиќ за „Локално“

од Nikola Popovski
73 прегледи

Студентите во блокадата се свесни дека борбата против автократскиот режим на Александар Вучиќ е маратон, а не трка на 100 метри. Вучиќ ја изгуби контролата врз српското општество, но сепак го насочува државниот систем, особено апаратот на сила. Покрај тоа, тој се потпира на бројни криминални структури. Сепак, старо правило е дека платениците порано или подоцна почнуваат да бегаат од оние кои им изгледаат како губитници. Вучиќ изградил имиџ на недопирлив господар на Србија, а сега е јасно дека не е во состојба да се справи со студентите, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар, Драгомир Анѓелковиќ откако во Србија и Белград продолжуваат блокадите и апсењата по големиот протест на Видовден против актуелната српска централна власт.

Според соговорникот, колку подолго студентите продолжуваат да ја демонстрираат неговата ограничена моќ, или поточно, селективна немоќ, и како што просторот за експлоатација на Србија од страна на режимот се стеснува поради бунтот на народот од сите страни, толку повеќе системските и нелегалните платеници ќе станат неподготвени послушно да му служат на, како што вели, српскиот автократ. Анѓелковиќ смета дека студентите добро го разбираат ова и преку асиметричен мирновременски отпор, кој исто така добива герилско-демократски карактер, ја исцрпуваат владејачката олигархија.

-Ова е патот до нејзин постепен колапс, оценува аналитичарот и додава дека се поизвесно е како „српскиот режим“ станува сè порепресивен.

-Вучиќ е она што во политичката теорија се нарекува – „спин диктатор“. Тој владее, одржувајќи ја илузијата за демократска рамка, врз основа на измама и поткуп, повеќе отколку со помош на масовна употреба на сила како што прават класичните диктатори. Од крајот на 2024 година, овој модел на владеење почна да пука. Сè повеќе српски граѓани сфаќаат дека Вучиќ е обичен измамник, а тоа е катастрофално за секој „спин диктатор“. Во такви околности, српскиот автократ нема друг избор освен да примени сè поголема сила. За жал за него, неговиот капацитет за ова е ограничен. Србија е во Европа, а нашиот систем е барем номинално демократски. Вучиќ може да остане на власт некое време со помош на официјална и неофицијална репресија, но тој нема способност да потисне мирното востание на српските граѓани, вели Анѓелковиќ.

Во претходниот период, нагласува соговорникот, Вучиќ владееше врз основа на длабоката поларизација на Србија, но, сега, како што вели, таа е надмината. Според него, „режимот на СНС“ не е во можност, со целата државна логистика, да донесе дури и неколку десетици свои поддржувачи или платеници на неколку места истовремено во подолг период.

-Денес, мнозинството од Србија е убедливо против Вучиќ, а тој се одржува на чело на државата со помош на бајонети. Тој заборава што некој рече, а тоа е дека со бајонетите може да се постигне многу на краток рок, но не можат да се користат на долг рок, анализира Анѓелковиќ.

Се поставува дилемата дали е можно мирно симнување на Вучиќ од власта, нешто што досега беше цел на критички настроеното граѓанство во Србија…За соговорникот, Вучиќ не е само „спин диктатор“, туку и шеф на обединетите српски картели.

-Тој е опкружен и со мафијата и со голема група контроверзни бизнисмени со помал нелегален обем. Ова навидум укажува дека конфликтот е неизбежен во одреден момент, бидејќи ако браќата Вучиќ можат да избегаат некаде, голем дел од нивниот врв и нивните тимови немаат алтернатива. Сепак, политиката отсекогаш се базирала на прагматизам. Според добро информираните социо-политички кругови, придружбата на Вучиќ веќе се обидува напорно да најде, честопати со помош на странски посредници, мостови за бегство од неговиот табор. Веројатно нема да биде можно за оние кои се особено крволочни, но на многу други, заради мирот и непосредната промена на власта, речиси сигурно ќе им биде дозволено да ги напуштат одбранбените ѕидови на режимот без подоцна да бидат гонети. Ваквите трендови постепено ќе доведат до целосна криза во таборот на режимот и неговата борбена машина ќе се распадне. Затоа, кога ќе почувствува дека работите достигнале црвена линија, не е исклучено Вучиќ да избега од Србија без да ја пролее крвта на граѓаните, рече Анѓелковиќ.

Запрашан дали очекува радикализација и каде би се нашла Србија при едно такво сценарио, српскиот аналитича опишува дека шефот на српската држава понекогаш изгледа луд, но не е луд. Не верува дека ќе ризикува ниво на радикализација што би го довело во ситуација каде што нема каде да избега на Запад. Не е склон на живот во Русија или Кина и на крајот на краиштата, добро знае дека за време на конфликтот во украинско-рускиот простор работел против Москва, па затоа, веројатно, нема да ги затвори портите на земјите-членки на ЕУ за себе со крвави потези што би резонирале кај европската јавност. Тој сигурно размислува за својот странски капитал кој би можел да биде загрозен ако дејствува со нагласено насилство. Без тоа, со помалку сила, не може ништо да постигне. Тој само додава масло на огнот, заклучува Анѓелковиќ во разговорот за случувањата кај нашиот северен сосед.

Н.П.

Слични содржини