Англичаните „пукаат“ од самодоверба пред полуфиналето на Европското

од Vladimir Zorba
279 прегледи

Герет Саутгејт, селекторот на англиската фудбалска репрезентација, истакна дека подготовките за полуфиналниот натпревар на Европскиот шампионат на неговата селекција со тимот на Данска поминале непречено, и дека тој е возбуден поради натпреварот, бидејќи се игра на величествениот „Вембли“.

Второто полуфинале на Европското првенство во фудбал меѓу репрезентациите на Англија и Данска е закажано за вечерва, со почеток во 21 часот.

Англиските фудбалери не загубија ниту еден натпревар во шампионатот и според тренерот на „Гордиот Албион“, тие се подготвени да ги пречекаат Скандинавците.

„Ние сме многу возбудени поради мечот, знаеме дека ќе ја имаме поддршката од целата земја и тоа е многу добро чувство“, рече Герет Саутгејт на прес-конференцијата.

„Подготвени сме за натпреварот. Играчите имаат големо искуство во вакви ситуации и нашите подготовки беа многу опуштени. Ќе играме против многу добар противник, ги знаеме од пред турнирот и тоа го видовме на последните натпревари. Ќе биде многу добар натпревар, тесен“, додаде тој.

Англискиот стратег зборуваше и за стратегијата што неговиот тим ќе ја искористи против Данците, откако веќе беше испробана варијанта со дефанзивни четири и дефанзивни пет играчи.

„Мислам дека сме флексибилни со тактиката во последните три години. Ние секогаш мора да ја избереме вистинската за секој противник. Данска многу се смени за време на турнирот. Нашите играчи имаат искуство против различни системи. Тие знаат како да играат против нив и како да најдат простор“, објасни Саутгејт.

Исто така, Саутгејт објави дека ќе ги имаат на располагање сите играчи за полуфиналниот натпревар, но дека се уште има сомнежи за двајца или тројца играчи во почетниот состав.

Слични содржини