Напаѓачот на Престон Норт Енд, Црногорецот Милутин Осмајиќ (25) е суспендиран на осум натпревари откако го гризнал за вратот дефанзивецот на Блекбурн Роверс, Овен Бек за време на дуел во Чемпионшип, објави Англиската фудбалска асоцијација (ФА). Осмајиќ на рочиштето во понеделникот ја призна вината, но ФА одлуката за суспензијата ја објави дури денеска. Казната очекувано е висока, а Осмајиќ за своето однесување ќе треба да плати и 15 илјади фунти.
Инцидентот се случи во 89. минута од натпреварот кога Бек по прекршок собори фудбалер на Престон кој сакаше што побрзо да изведе слободен удар. Осмајиќ скокна и го грабна Бек и го гризна за вратот во турканицата. „Напаѓачот призна насилничко однесување околу 87. минута со гризнување на противник. Независната регулаторна комисија му изрече санкции по сослушувањето. Писмените причини ќе бидат објавени во догледно време“, соопшти ФА.
Престон Норт Енд ја прифати одлуката на дисциплинската комисија, соопштија од клубот.
Интересно, двајцата играчи наскоро би можеле повторно да се сретнат бидејќи Осмајиќ бил повикан од Роберт Просинечки во црногорскиот тим, кој на 14 октомври ќе игра во Лигата на нации против репрезентацијата на Велс, за која Бек добил покана.
Да потсетиме, англиската ФА во 2013 година го суспендираше тогашниот напаѓач на Ливерпул Луис Суарез на 10 натпревари откако напаѓачот на „црвените“ го гризна дефанзивецот на Челси, Бранислав Ивановиќ.