Британскиот премиер Борис Џонсон го потврди укинувањето на мерките против коронавирусот.
Тој ги повика луѓето да бидат претпазливи кога преостанатите мерки против ширењето на пандемијата ќе бидат укинати во Англија следната недела, наведувајќи дека зголемувањето на случаите укажува на тоа дека пандемијата не е завршена.
Владата вели дека британската кампања за вакцинација, една од најбрзите во светот, „во голема мера ја прекина врската помеѓу инфекцијата и сериозната болест или смртта“.
Но, она што претходно беше најавувано како „Ден на слободата“, министрите сега внимателно го следат поради зголемувањето на случаите на инфекција, како и стравот дека може да има дури стотина илјади нови инфекции на ден во текот на летото.
Џонсон ја одбрани својата одлука за укинување на повеќето од преостанатите ограничувачки мерки со мрачен тон, велејќи дека „четири услови поставени од самата влада се исполнети“, но ја предупреди земјата дека повеќе луѓе ќе умрат од коронавирусот.
„Сега е време“
„Сметаме дека сега е вистинското време за тоа, но клучно е дека дефинитивно продолжуваме да бидеме претпазливи затоа што пандемијата не е завршена“, рече тој на прес-конференција.
„За да ги преземеме овие чекори, треба да бидеме внимателни, но исто така, и да се вакцинираме“, рече Џонсон, додавајќи дека сигурно ќе има „многу повеќе хоспитализации и смртни случаи во Англија од Ковид-19“.
„Ги охрабрувам сите да продолжат да размислуваат за другите и да ги разгледуваат ризиците“, додаде премиерот.
Претходно, министерот за здравство пред парламентот рече дека „луѓето треба да носат маски на места како јавен превоз“ и дека „тие треба постепено да се враќаат на работа“ и дека владата ќе ги охрабри компаниите што одржуваат масовни настани да користат верификација на здравствени сертификати на влезот.