Англија ја исполни првата цел, категорични се репрезентативците на „Гордиот албион“

од Vladimir Zorba
29 прегледи

Англија ја заврши својата прва задача на Европското фудбалско првенство со освојување на групата А, но треба да ја засили својата игра за нокаут фазата. Тоа го изјави капитенот на тимот, Хари Кејн по ремито 0-0 против Словенија во вторникот вечерта.

Англија се уште не го знае името на противникот, кој ќе биде познат вечерва по последните натпревари од групната фаза.

„Тоа беше нашата цел пред почетокот на турнирот – да завршиме на првото место и да ја контролираме сопствената судбина. Игравме многу подобро од претходните натпревари, но не можевме да најдеме начин да постигнеме гол. Веќе гледаме кон следниот натпревар“, изјави Хари Кејн.

„Создадовме неколку ситуации, а во други можевме подобро. Резервите внесоа свежина и го направија она што се очекуваше од нив. Сите ни требаат. На Европското првенство сите натпревари се тешки. Имаме големо искуство и веќе видовте дека во елиминациите обично правиме чекор напред. Осминафиналето нема да биде лесно, но нашата репрезентација има доволно квалитет да се надмине следниот предизвик“, додаде напаѓачот на Баерн.

Дефанзивецот Џон Стоунс разбира зошто навивачите се нервозни, но ги уверува дека Англија направила чекор во вистинската насока против Словенија.

„Целта беше првото место во групата и ја постигнавме. Никогаш не е лесно. Не е лесно ниту да се игра со мета на грбот. Ја подобривме нашата игра од претходните два натпревари, нашите додавања беа попрецизни и имавме шанси. Направивме чекор во вистинската насока“, изјави тој.

„Разбирам зошто нашите навивачи се нервозни, но фудбалот е тежок натпревар. Бевме фокусирани и ја контролиравме играта. Лично верувам дека можеме да победиме кој било тим што ќе го сретнеме. Ќе работиме напорно на тоа на тренинзите пред да започнат елиминациите“, порача дефанзивецот на Манчестер сити.

Слични содржини