Ангов за Локално: Нема масовен помор на риби во Дојран – тоа е нормален процес кога рибата почнува да се мрести и не може да исфрли икра, тогаш настанува смрт, но тоа е многу редок случај

од Љубиша Владимиров
135 прегледи

Во текот на вчерашниот ден во дел од медиумите се појави вест која укажуваше на масовен помор на рибниот свет во Дојранското Езеро.

Повод гласините и шпекулациите „Локално“ утринава го контактираше градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, кој ги отфрли шпекулациите дека има помор на рибниот свет во езерото. Како што нагласи, станува збор за процес во кој рибата се мрести, а смрт, според Ангов, настапува кај мал дел од рибите кои не можат да ја исфрлат икрата, што според градоначалникот е вообичаена појава во овој период од годината.

„Тоа се класични дезинформации. Пред секоја летна сезона се шират со цел да се наштети, но не знам од кои причини. Инаку, тоа е нормален процес кога рибата почнува да се мрести и не може да исфрли икра, тогаш настанува смрт, но тоа е многу редок случај. Може да се случи од илјадници риби во сезоната да бидат околу 100,“ изјави Ангов.

Ангов нагласи дека водата во Дојранското Езеро редовно се контролира и испитува од страна на сите релевантни институции, вклучувајќи го Институтот за јавно здравје, кој, според Ангов, констатирал дека исправноста на водата не е доведена во прашање. Тој повторно нагласи дека станува збор за дезинформации и ги демантираше гласините во дел од медиумите.

„Водата редовно се испитува, и констатирано е дека има добар квалитет. Институтот за јавно здравје редовно испитува, особено кога доаѓа летната сезона прави почести контроли, така што тоа се класични дезинформации и ширење на негативна реклама за Дојран,“ нагласи Ангов.

Инаку, во текот на вчерашниот ден беше пренесена веста дека во потегот помеѓу Стар и Нов Дојран се следела бела пена, мртви риби и ракови, кои според написите ги загрижувале посетителите и создавале непријатна глетка.

Д.Ѓ

Слични содржини