На покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи ќе присуствуваат на свеченоста со која ќе се одбележи пуштањето во употреба на Транс-анадолскиот гасовод – ТАНАП (Trans Anatolian Natural Gas Pipeline – TANAP), на локација во близина на граничниот премин меѓу Турција и Грција.
ТАНАП заедно со јужно-кавкаскиот гасовод и транс-јадранскиот гасовод (ТАП) е дел од Јужниот гасен коридор кој ќе пренесува азербејџански гас произведен во регионот Шах Дениз и во другите региони јужно од Касписко Море до европските пазари. Најголемата компонента ТАНАП ќе почне да носи гас до европскиот дел од јужниот гасен коридор – ТАП на турско-грчката граница, кој започнува во Грција и оди кон Италија и допрва треба да биде завршен.
-Стратешка определба на Владата е гасно поврзување на државата токму со ТАП, преку интерконективен гасовод со Република Грција, за диверзификација на изворите на снабдување со гас во земјата и овозможување на стабилност во снабдувањето, а со тоа и поконкурентни цени на гас за индустријата и граѓаните, велат од владината прес-служба.
На церемонијата за пуштање гас во ТАП, посочуваат, ќе присуствуваат претседателите на Турцијаи на Азербејџан, Реџеп Тајип Ердоган и Илхам Алијев, бугарскиот премиер Бојко Борисов, претседавачот на советот на министри на Босна и Херцеговина Шефик Џаферовиќ и грузискиот премиер Гиорги Гахарија. Најавено е и присуството на спикерот на српскиот Парламент Маја Гојковиќ, грчкиот министер за енергетика и животна средина Костис Хацидакис, министерот за енергетика на Катар Мохамед Салех Ал-Сада и српскиот министер за енергетика и рударство Александар Антиќ.
-Претседателите на Република Турција и Република Азербејџан се очекува да ја пренесат пораката дека нивните земји се подготвени да носат гас до Европа, со што ќе се обезбеди сигурноста на снабдувањето со гас на континентот, велат од Владата.
ТАНАП не ја решава само безбедноста на снабдувањето со гас во Турција со диверзификација на изворите, туку исто така, ќе ја подобри безбедноста на снабдувањето во Европа, со што ќе се збогати каналот за енергетски ресурси за континенталните држави, додека истовремено ќе му овозможи на Азербејџан да почне да работи на нови извозни дестинации. Со ова проектот всушност одново ја обликува регионалната и глобалната геополитика во полето на енергетиката.
ТАНАП минува од турската граница со Грузија во турското село Туркгозу во регионот Пософ, Ардахан и преку 20 провинции меѓу кои Карс, Ерзурум, Ерзинџан, Бејбурт, Гумушане, Гиресун, Сивас, Јозгат, Киршехир, Кирикале, Анкара, Ескишехир, Билеџик, Кутахја, Бурса, Баликесир, Чанакале, Текирдаг и Едрене, а завршува на грчката граница во регионот Ипсала, Едрене во Тракија. Од оваа точка, ТАНАП се поврзува со ТАП за да носи природен гас до европските нации.
Главната линија на проектот вклучува седум компресорски станици, четири мерни станици, 11 инсталации за чистење на цевководите преку клипови, 46 станици за блокирање и 2две појдовни станици за снабдување на националната гасоводна мрежа на Турција. Проектот, исто така, вклучува две излезни точки што ќе носат гас до европскиот систем преку турската мрежа. Точките се лоцирани во Ескишехир и турска Тракија. Со 17,6 километри под Мраморно Море, главниот гасовод во Турција опфаќа вкупно 1.850 километри, заедно со појдовните станици и надземните инсталации.