Бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев смета дека со отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ се стеснува просторот за брзо решение со Бугарија.
-Провокација или гаф. Знаете од она што го пратам, мислам дека премиерот Петков има добра намера, но има доста ретроградни процеси и структури во Бугарија, кои се противат на таквото решение и тоа е мое лично чувство. Немам посебни информации. Таквите настани како што беше во Битола го намалуваат нивото на разбирање во македонското општество. Еден ден мораме да најдеме решение, за секој разговор има две страни. Претешко е дали треба да се прекина разговорите. Треба да се заземе нов курс, во кој појасно ќе се кажат позициите и мислам дека општеството од другата страна да поработи со своите граѓани и да објасни дека ние не бараме ништо различно од другите народи во Европа. Треба да има поголемо разбирање и толеранција од таа страна, смета Анѓушев во емисијата „Само интервју“.
Според него, македонскиот народ има право да се чувствува излажан.
-Многу други држави кои станаа членки на ЕУ не беа подобри од Македонија и беа повеќе политички одлуки. Вината е на немоќноста на ЕУ да реши некои проблеми како проблемот со Бугарија или претходниот со Грција. Македонското општество не ја доби заслужената награда, додаде Анѓушев.