Анѓушев: Придонесов во економијата, ги поттикнувам и другите бизнисмени да го направат тоа

од Aleksandar Petrovski
290 прегледи

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој се повлекува од функцијата на 3 јануари кога ќе стартува техничката влада за предвремените парламентарни избори, денеска изјави дека во изминатите две и пол години со знаењето и исуството како стопанственик придонел во економијата на државата и ги поттикнува тоа да го направат и останатите бизнисмени.

– Јас на некој начин употребив две и пол години од својот живот и придонесов со сето мое знаење што го имам, и практично, и теоретско, во економијата или во економските политики на државата и мислам дека е тоа доволно за секој што е од стопанството. Бидејќи ако продолжи подолго тоа да го прави, во тој случај ќе им наштети на компаниите од коишто дошол зашто таму, се разбира, вие оставате еден систем којшто исто така бара нега и одржување. Од таа причина, јас ги поттикнувам сите останати стопанственици да дадат ист таков придонес во иднина и секој од нас ако вгради мало камче од своето знаење во системот на економијата, тоа ќе биде добро, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања по објавата на нови инвестиции од американската компанија од автомобилската индустрија.

Прашан дали би прифатил евентуален ангажман по изборите во Владата доколку добие покана за тоа повторно од СДСМ или пак од ВМРО-ДПМНЕ, прецизираше дека може да прифати политика каква што води сегашната влада и никаква поинаква  и оти не може да одговори на хипотетичко прашање.

Тој им се заблагодари на медиумите за соработката истакнувајќи дека бил критикуван и анализиран,  не побарал, како што рече, прашање однапред и не му замерил на ниту еден медиум, ниту пак покренал каква било постапка кон новинари за критиките што му биле упатени.

Вицепремиерот се приклучи на владиниот тим како претставник на бизнис-заедницата од Стопанската комора на Македонија.

Слични содржини