Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ реагираше по повод вчерашните објави за зголемен број напади на кучиња во државата и, како што велат, несреќната изјава на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов за еутаназија на оние животни кои ќе се наведат како агресивни.
-Велиме наведат, бидејќи искуствата ни докажуваат дека 95% од бездомните кучиња заловени во стационарите како такви, се мирни, социјализирани, игриви и вдомливи, но некој ги пријавил дека нападнале. Пријавени се без доказ кој би го поврзал конкретното животно со нападот, по изјава, често со траги кои укажуваат на повреда- но не и угриз, поткрепени со изјава од доктор дека станува збор за куче иако во голема мера тоа не може да се потврди, веалт од Анима мунди.
Според нив, „живееме во еден кородиран систем и во време на комплетен социјален крах, сиромаштија каде, во голема мера се користи секоја можност за стекнување финансиска корист особено во околности каде што лесно се лажира и обезбеди отштета од средствата на градот“.
-Затоа е зголемена бројката пријави, затоа што исплатата од буџет, наспрема приватно тужење на сопственик е и те како поизвесна. Се извинуваме и искрено сочувствуваме со граѓаните кои навистина биле жртва на напад за ова тврдење, не ги ставаме никако сите во ист кош – но ова прашање мора итно да се третира, и секој случај поединечно темелно да се истражи, а институциите да сторат се од себе овој проблем да се стави под контрола: 1) преку најстроги забрани за напуштање, неконтролирано размножување и дефинирани одговорности, строги казни 2) наменат доволни средства за спроведување масовна и брза стерилизација на животните на улица. Така се гледа грижата кон граѓаните, така се решава проблем кој е важен од етичка, здравствена, безбедностена, економска природа – а никако не со убивање на животните!, велат меѓу другото од здружението.