Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ го повика Советот на Град Скопје да одобри неповратна финансиска помош за ЈП Лајка. Според нив, бездомните кучиња и нивниот третман не се само проблем од етичка природа, туку реалност која секојдневно влијае врз севкупниот живот на Скопјани и сите посетители на градот.
-Не сакаме да гледаме гладни, несреќни животни по улиците, животни без дом. Безбедноста, здравствената заштита на населението, стандардот на градска чистота се сфери кои исклучително зависат од тоа на кој начин и во која мерка ќе обезбедиме хуман третман на животните, кои се на улица, но не по сопствен избор или вина. Граѓаните на Град Скопје бараат од Вас решавање на овие проблеми, хуман третман, поголема грижа за нивната безбедност и здравје. Како Совет на Град Скопје должни сте за рационално, одговорно, ефикасно распоредување на нивните средства, велат од здружението.
Додаваат дека ЈП Лајка маневрира во услови каде секојдневно се зголемува бројката бездомни животни поради тоа што нема соодветна законска регулатива која наложува забрана за неконтролирано размножување и напуштање миленик, која регулира продажна дејност со животни, нивно подарување, која најстрого санкционира насилство на животни и нивно занемарување.
ЈП Лајка не смее да има вработени кои се во континуитет изложени на несигурноста и стравот дали ќе имаат плата, кои поради енормата , наследена задолженост на претпријатието во минатото немаат основна опрема за работа, медикаметни за стерилизации не можат својата иднина долгорочно да ја планираат тука, бидејќи е неизвесна и самата судбина на претпријатието. ЈП Лајка не може да испорача резултат на Скопјани доколку стерилизира масовно, брзо без прекин, со цел да се опфатат минимум 75% на постоечките нестеризирани единки на улица, стои во соопштението од „Анима мунди“.