„Анима Мунди“ бара итно затворање на скопската Зоолошка и рехабилитација на сите животни

од Nikola Popovski
51 прегледи

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале евтанизираната слоница Дуња во Скопската зоолошка градина. Исто така бараат независна истрага од надворешни експерти за да се обезбеди објективност и темелност и да се утврдат основните причини.

-Бараме ИТНО затворање на зоолошката градина во Скопје бидејќи условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и нималку се едукативни и забавни. Бараме релокација и рехабилитација на сите животни во надворешни акредитирани центри и резервати кои ги исполнуваат највисоките стандарди за грижа. Должни сте спрема јавноста, спрема тие диви животни со чие заробеништво со години профитирате да сте транспарентни, стои меѓу другото во соопштението на здружението по случувањата во ЗОО-Скопје.

Од Скопје ЗОО велат дека одлуката за евтаназија била во консултација со тројца лекари од Белгија кои констатирале дека здравствената состојба на слоницата е влошена.

„Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем“, додаваат оттаму.

Дуња најголем дел од својот живот го поминала во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа.

По забраната за користење на животни во циркуси точки, Дуња патува во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza”, каде се констатира дека, за жал, поради трауматичното минато, нема да можат да живее во социјална група со други слонови, па во 2018 година е донесена во Скопје.

Моментално во Зоолошката градина остана само слоницата Даела.

Слични содржини