Здружението за заштита на животните, Анима Мунди побара итно да се истражи и соопшти од што вчера почина жирафата Флопи во Скопската зоолошка градина. Оттаму прашуваат кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните.
-Кога конечно ќе разбереме дека животот зад решетки не е живот туку казна, кога ќе биде веќе еднаш доволно од нивното страдање во доживотно заробеништво и генерирање профит врз грбот на нивните несреќни судбини! Бараме итно запирање на прием на нови единки и промена на концептот на Зоолошките во Македонија во центри за рехабилитација на животните, престојот да биде ставен во функција на оние животни кои се веќе затекнати и живи, со забрана за набавка на нови. Бараме да се искористи секоја можност за нивно подарување во центри во Европа кои се поадекватни за нивната благосостојба за што се ставаме на располагање, велат од Анима Мунди.
Потсетуваат дека животните се држат на тесен простор, на доживотна робија, немаат приватност, и има многу малку можност за нивна ментална стимулација, социјализација со сопствениот вид или телесна активност.
-Тоа резултира во абнормално и самодеструктивно однесување кое се нарекува зоохоза (од “зоо психоза”). Величествените животни во Зоолошките стануваат само свои бледи сенки. Одземено им е сѐ што животот го прави вреден за живеење: семејството, заедницата, слободата и можноста да одберат како ќе го минат својот живот – дури и кога тие животи не се нималку лесни. Бараме да се овозможи комплетен видео мониторинг на сите животни 24/7 и увид во видео надзорот на сите живеалишта, итно да се открие која е причината што вчера почина и младата жирафа Флопи. Каде е раководството на Зоо Скопје да се произнесе или поднесе оставка? Бараме итна стручна анализа што се случува и казни за сите кои се одговорни, стои во соопштението од Здружението.