„Во последниов период сведочиме на повторливи, систематски и сурови случаи на дислоцирање на цели легла и чопори кучиња во градот Скопје – животни кои не се познати на локалните заедници, кои се појавуваат преплашени, дезориентирани и во очигледен стрес. Последниот случај, кај „Аркадија“, е само уште еден доказ за оваа варварска и неказнета пракса: осум нови кучиња, оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса“, велат од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Додаваат дека ова не се изолирани појави. Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина , истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества.
-Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните. Бруталноста оди дотаму што не така одамна беа забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување. Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа, и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност, потенцираат од „Анима Мунди“.
Здружението бара итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки, како што се воспоставување на механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња; соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации и отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
-Неодамнешните реакции и на ЈП Лајка го потврдија истото: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба која мора да се истражи, докаже, казни. Ги повикуваме граѓаните – доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до нашата организација. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните, порачуваат од „Анима Мунди“.