Анима Мунди: Не е неопходен Брисел за да се измени Законот за заштита и благосостојба на животните

од Nikola Popovski
266 прегледи

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ смета дека не е потребна помош од Брисел за справување со проблемите со уличните кучиња.

Во долга објава на социјалните мрежи, здружението порача дека „10 наврати доставуваат предлог измени и дополненија на Закон за заштита и благосостојба на животни, усогласени со најуспешни ЕУ практики, поддржани и од ЕУ парламентарци, кои во континуитет се игнорирани, а истите дефинираат мерки за контрола, сузбивање, надминување на проблемот“.

Бараат по итна постапка да се измени Законот за заштита и благосостојба на животните.

Ова следува откако вчера премиерот Димитар Ковачевски порача дека Владата ќе побара помош од Брисел за за модел за стационар за решавање на проблемот со кучињата скитници.

-Сведоци сме на голем број нападнати граѓани и тоа исклучителна надлежност на општините. Не се работи за сила, туку се работи дали градоначалниците имаат фокус, посветеност и волја за да се справат со проблемите кои им ги довериле граѓаните. Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД-програмите и доколку може да се направи некој модел на одреден стационар кој што ќе биде на некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да им помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем, рече меѓу другото Ковачевски.

За денеска во 16:00 часот пред Влада, активистите за заштита на животните најавија протест поради масовното убивање на кучиња кое се случи изминативе неколку дена.

Слични содржини