„Анима мунди“: Ниту едно живо битие не смее да заврши како кучето Маја, ниту едно убиство не смее да помине неказнето

Од здружението за заштита на животните додаваат дека „личност способна да нанесе таква болка без воопшто да размисли за последиците, способен да прегази живо суштество втор пат и да го напушти местото на несреќата наместо да пружи помош е личност со комплетно отсуство на морални начела, совест и емпатија, спротивно на Хипократовата заклетва и етиката на неговата професија“

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ со крајна осуда реагира на бруталното и, според видеоматеријалите, намерно прегазнување на уличното куче Маја во Софија на 9 ноември 2025 година. Осомничениот е Македонецот Ненад Цоневски, вработен како доктор во Бугарија. Според „Анима мунди“, овој чин е одвратно суров и претставува најгрубо кршење на секое човечко и професионално достоинство.

-Го потсетуваме правниот систем: за вакви дела бугарскиот закон предвидува казни до 5 години затвор, а во особено тешки случаи и повисоко.

Примивме голем број пораки и материјали од бугарски активисти и згрозени и потресени граѓани -целосно се солидаризираме со нивните барања и ќе ја поддржиме секоја законска и граѓанска иницијатива за правда. Молкот ги штити злосторниците! Ниту едно живо битие не смее да заврши како кучето Маја — 12-годишно мирно бездомно куче, маалски миленик. Ниту едно убиство не смее да помине неказнето, порачуваат од здружението.

Оттаму додаваат дека „личност способна да нанесе таква болка без воопшто да размисли за последиците, способен да прегази живо суштество втор пат и да го напушти местото на несреќата наместо да пружи помош е личност со комплетно отсуство на морални начела, совест и емпатија, спротивно на Хипократовата заклетва и етиката на неговата професија“.

Доктор Ненад Цоневски е обвинет за „екстремна суровост кон животно“. Од Обвинителството во Софија велат дека Цоневски ќе одговара за „намерна суровост кон животно што резултирало со сериозни повреди“, но не и за убиство, бидејќи кучето било евтаназирано подоцна. Ветеринарната експертиза покажала дека кучето имало сериозни повреди на ‘рбетот и сигурно немало да може да ги движи задните нозе, но имало шанси да преживее.

Кучето Маја било чипувано, но немало сопственик, па ветеринарот, по консултација, решил да го успие, пишуваат бугарските медиуми.

Слични содржини