„Анима Мунди“ побара правда за кучето Феликс: „Држава која не превенира, охрабрува насилство“

од Nikola Popovski
91 прегледи

Триесетина граѓани денеска се собраа пред Основниот Кривичен суд Скопје пред почетокот на судењето за кучето Феликс кое поради тешки повреди нанесени од двајца соизвршители почина на 7 јануари. Дел од нив порачаа дека се собрале поради Феликс, животните и за правда и правна држава.

„Анима Мунди“ и „ЈП Лајка“ на протестот побараа најстроги казни за ваквите дела и иницираа промена на Кривичниот закон за да ваквите дела не поминуваат веќе заборавени, премолчени и без казна.

-Досега во Македонија ниту еднаш нема изречено ефективна казна затвор. Секогаш досега насилните поминувале со парични казни кои сметаме дека не се доволни и сметаме дека конечно правдата треба да профункционира во Македонија и насилниците да добијат соодветни казни за своите дела. Државата која не превенира, охрабрува насилство, изјави Столе Велковски од „Анима Мунди“.

Воедно, како што дополни, на овој ден поднесуваат Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, премиерот Христијан Мицковски, министерот за правда Игор Филков и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.

Судењето се одложи бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство. Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за убивање и мачење животни“, Член 233 став 1 од Кривичниот законик кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Зоран Здравев. Судењето е одложено за 13 март.

Кучето Феликс, кое во ноември 2024 година беше крвнички претепано со метална шипка, почина на почетокот на јануари од здравствени компликации.  На 19 ноември 2024 година, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Крстевски по пријава дека во индустриската зона Момин Поток со тврд предмет нападнал куче. По службен разговор и истрага, против него беше поднесена кривична пријава за „мачење животни“.

Слични содржини