Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ го поздравува потегот на ОЈО Битола за отворање предмет за фотографијата на заменик-директорот на „Македонија пат“ со мртва мечка. Велат дека е добар чекор кон разрешница, доколку сакаме да се наречеме правна држава.
Од здружението посочуваат дека „Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето кои работат таму, а кои нема да дозволиме да послужат како параван“.
-Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок за сообраќајна несреќа со мечка во месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните – не смее да се постапува без МВР; како и дека мечката не е на пат туку во шума, и дека волку големо животно нема начин да се поместува за сликање, освен доколку е свежо убиено, невкочането (се уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна, велат од „Анима мунди“.
Бараат да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак ОЈО.
-Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот? Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и информира јавноста, дали Дранго кој на сликиве го гледаме во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во претходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон, прашуваат од „Анима мунди“.
Реагираа и од локалниот огранок на Левица во Демир Хисар. Соопштија дека „станува збор за човек кој е втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела и претседател на ветераните на ДПНЕ во ОК – Демир Хисар“.
-Оттаму, се отвора прашањето дали Данго е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин, прашаа од Левица -Демир Хисар.
Иако на вчерашната објавено фотографија јасно се гледа дека заменик-директорот стои покрај мртва мечка со пушка во раката во шума, тој негира дека ја убил. Во изјава за ТВ Телма, вели дека мечката била усмртена при сообраќајна несреќа и дека била отстранета од коловозната лента во месноста ротино-битолско. Потенцирал дека решавање на случајот ќе бара преку судски процес.