25,9 проценти од граѓаните немаат доверба во ниту еден македонски политичар, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС) спроведена телефонски на примерок на 1089 полнолетни испитаници во периодот помеѓу 18 и 21 јуни 2024 година. Од актуелните политичари, премиерот Христијан Мицкоски ужива најголема доверба кај граѓаните. Во него најголема доверба имаат 27,8 проценти од анкетираните.
Според анкетата, во Али Ахмети доверба имаат 8.4%, во Максим Димитриевски 4.8, во Димитар Апасиев 3.3, Стево Пендаровски 2. 5, Бранко Црвенковски 2. 3, во Билал Касами и Изет Меџити по 2. 2, во Африм Гаши, Арбен Таравари и Димитар Ковачевски по 1.8, Зоран Заев 1. 7, а во Никола Груевски 0.9%.
Доколку следната недела има парламентарни избори, победата, според анкетата, ќе ја однесе ВМРО-ДПМНЕ.
Високи 28 проценти се изјасниле дека својот глас би го дале за владејачката партија. 10,1 отсто од анкетираните би гласале за СДСМ, 8,9 проценти за коалицијата ДУИ, а 7,8 отсто својот глас би го дале за коалицијата ВЛЕН.
На ова прашање не сакале да дадат одговор 15,5 отсто од анкетираните, додека 13 проценти се изјасниле дека не би гласале за ниту една партија.