Денеска нова седница на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката за онкологија, откако и власта и опозицијата се согласија да продолжи работата. Во наредните 30 дена ќе се испитуваат новите информации поврзани со Клиниката за периодот од април годинава и дополнително ќе бидат сослушани експерти, поранешни и сегашни носители на јавни функции.
Ќе се дискутира по стенограмите и изјавите, документацијата, архивскиот материјал доставен од Клиниката, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за лекови и медицински средства – „МАЛМЕД“.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи и понатаму бара да се продолжи рокот на работата на Комисијата заради продлабочување на истрагата.
Според деловникот, членовите на Комисијата имаа 30 дена за распит на сведоци, а сега започнуваат предвидените 30 дена за разгледување документација.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити побара Државното јавно обвинителство што поскоро да излезе со име и презиме на евентуалните виновници. Оттаму возвратија дека се води предистрага и дека не постапува по барања на други лица. Исто така испратија апел политичарите да се воздржат од употреба на како што се вели, овој чувствителен предмет во политички цели.
Комисијата почна со работа на почетокот на октомври, по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија. За овој случај на почетокот на месецов Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.
На почетокот на септември беше извршен претрес на Клиниката за онкологија и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документација по наводите во новинарски текстови за злоупотреба на лекови наменети за пациенти болни од рак.
Членови на Комисијата се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов и Петар Ристески, пратеници од СДСМ и коалицијата – Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, пратениците Арбен Зибери и Бедри Фазли од ДУИ и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.