Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија денеска треба да продолжи со работа со разгледување на документацијата. Членовите на Комисијата, кои вчера ги отпочнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата, треба да ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.
На вчерашната седница на Анкетната комисија на која се разгледуваа стенограми од сведочења во изминатиот еден месец, опозициските пратеници на одговорност го прозваа поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Според нив, тој има политичка одговорност за случувањата на Клиниката затоа што не постапил по член 295 став 1 од Законот за здравствена заштита според кој министерот за здравство има обврска за надзор над законитоста на работењето на здравствените установи.
Пратеници од власта и опозицијата вчера полемизираа околу тоа која е нивната задача во овој дополнителен рок во кој ја разгледуваат документацијата, по излагањето на пратеникот Антонио Милошоски, кој рече дека „примарната политичка одговорност“ за злоупотреби на Онкологија ја носи поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека негов личен став е дека политичката одговорност за скандалот на Онкологија е кај Филипче, бидејќи не вршел контрола на Клиниката, иако тоа му го налагале законските прописи.
Милошоски се повика на изјавите на екс-директорот на Клиниката, Нино Васев кој пред комисијата тврдеше дека за состојбата редовно го информирал екс-министерот Филипче.
По расправата за документацијата, Анкетната комисија треба да донесе формални заклучоци.
Анкетната Комисија заврши со сослушување на над 60 сведоци предложени од политичките партии.