Анонимуси му се заканија на Вучиќ: „Ние не простуваме, не забораваме. Очекувајте не“

од Stefanija Kuzmanovska
216 прегледи

Хакерската група Анонимус, позната по бројните акции ширум светот, денеска упати закани до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека доколку не ги прекине „акциите на Косово“, народот на Косово нема да биде без поддршка, пренесе РТВ.рс.

Во видео порака објавена на Твитер, AnonimusTv со слика од украинско знаме, му порача на претседателот Вучиќ да ги очекува.

„Ако не престанете со опасните акции на Косово, народот на Косово нема да биде без поддршка. Ние сме Анонимуси. Ние сме легија и не простуваме. Не забораваме. Очекувајте не“, се вели во пораката.

Маскирано лице со изменет глас изјави дека „српските криминални елементи“ се обидуваат да предизвикаат вооружен конфликт.

„Српскиот автократски претседател, кој е марионета на Владимир Путин, се обидува да го дестабилизира регионот користејќи ги механизмите на насилство и терор на воениот злосторник Слободан Милошевиќ. Но, познато е дека овие обиди за него се самоубиствени. Во екот на војната во Украина, Србија е единствената земја која официјално го прогласи својот сојуз со Русија, отфрлајќи ги постојаните повици од Западот да се приклучат на санкциите на ЕУ“, се вели во пораката.

Се додава дека Анонимусите нема да останат рамнодушни на ова и дека реакцијата на групата ќе биде „решителна и непосредна“.

„Ние не сме мала и немоќна група која треба да се игнорира, ние сме организиран светски активен колектив на истомисленици и нашата порака е јасна“, се вели во пораката.

Слични содржини