Анри по ремито Барселона – Интер: „Три гола на гости, а без предност? Нема логика!“

од Марта Пешевска
170 прегледи MONACO - NOVEMBER 06: Thierry Henry, Manager of Monaco looks on during the Group A match of the UEFA Champions League between AS Monaco and Club Brugge at Stade Louis II on November 6, 2018 in Monaco, Monaco. (Photo by Michael Steele/Getty Images)

Во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, Барселона и Интер одиграа возбудливо реми 3:3. Интер двапати водеше (0:2 и 2:3), но Каталонците успеаја да се вратат и да го израмнат резултатот. Повратниот натпревар е закажан за вторник во Милано, со почеток во 21:00 часот. Средбата беше тема на анализа во студиото на CBS Sports, каде што поранешниот француски репрезентативец Тиери Анри изрази носталгија по укинатото правило за гол на гости, кое престана да важи во 2021 година.

„Како можеш да постигнеш три гола на гости, а да немаш предност?“, праша Анри. „Знам дека правилото е веќе некое време укинато и мора да го прифатиме тоа, но штотуку му реков на Џејми Карагер: ‘Како можеш да дадеш три гола на гостински терен, а резултатот пак да се брои како да е 0:0?’ Головите на гости беа многу важни за мене“.

Анри даде и свое мислење за играта на Интер:

„Не очекував Интер да игра на вакво ниво, особено имајќи предвид како изгледаа во последните натпревари. Мора да им се оддаде признание, одиграа цврсто и самоуверено против Барселона. Искрено, тоа ме изненади.“ Повратниот натпревар во Милано ќе одлучи кој ќе обезбеди пласман во големото финале на Лигата на шампионите.