Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница одлучи да го запре постапувањето по пријавата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за договорот на Владата за набавката на 200 000 вакцини против КОВИД-19 од кинеската компанија „Синофарм“ во 2021 преку посредничка „фантомска“ фирма „Стабри интернешенл“ од Хонг Конг.
-Иако во јавноста провејуваше дека ова е нелегално, реално во Македонија тогаш немаше законска основа. Владата донела одлука на затворена седница и го задолжила министерот за здравство Венко Филипче. Тој постапил, префрлени се парите за набавка на вакцини, но по реакција на кинеската страна, парите се вратени. Нема штета на буџет и ние како комисија нема што повеќе да правиме односно немаме основ да доставиме во Јавното обвинителство. Затоа предлагам Комисијата да го запре постапувањето по овој предмет, рече Горан Трпеноски, член на ДКСК.
Антикорупциската се обратила до Владата и Министерството за здравство за да им ја достават целата документација од која се потврдило дека бил склучен договор со посредничка фирма за набавка 200 000 дози вакцина од „Синофарм“.
Откако Владата на 16 март 2021 го задолжила Министерството за здравство да ги прекине сите активности за набавка на вакцини од „Синофарм“ преку „Стабри интернешенал“, постапката течела по редовен пат со кинескиот производител и беа набавени вакцините.