Горан Трпеноски, член на ДКСК, потсетувајќи на случај кога комисијата има откриено оти еден функционер имал добивка од игри на среќа во бруто износ од еден милион и 170 илјади денари, а ги немал пријавено во анкетниот лист, дал изјава дека евидентираните приходи ги нема добиено, ниту има примено толкава сума на добивка. Откако било проверено во финансиска полиција, МВР и сите други надлежни институции, од страна на Управата за финансиска полиција ДКСК добила известување дека постапуваат по пријавата и по извршените полициски увиди од нивна страна, ќе поднесат соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство.
– Сите институции велат не можеме да го проверуваме кешот од играчите на среќа, казина и други. Никој нема контрола на тие пари. Ова е системска корупција, смета меѓу другото Трпеноски. Тој уште еднаш ги повика сите граѓани доколку имаат податоци за вакви случаи да ги достават до ДКСК, за да се открие, како што рече, „шемата”.
За Софка Пејовска Дојчиновска станува збор за добро организиран криминал и побара сериозно да се повика Основното јавно обвинителство за гонење корупција и организиран криминал. Според неа, она што до ДКСК досега допреле информации, се капка во море, и како што рече, се краде идентитетот на граѓаните.
Шемши Салаи, член на ДКСК, наведе дека можат да се проверат сите исплати што ги прават обложовалниците и казината, но дека има случаи каде се украдени лични податоци и исплатите се вршени на име на други лица. – Тоа е навистина организиран криминал за перење пари и треба да се постапи, рече Салаи.
Тој образложи тааков случај со поранешната министерка и пратеник Елизабета Канческа-Милевска, која навремено имала поднесено антетни листови, но во годишната даночна пријава за 2018 година кај нејзиниот сопруг не била наведена добивка од игри на среќа во износ од еден милион 60 илјади 166 денари. Заради проверка на тие податоци, ДКСК се обратила до Канческа-Милевска и таа изјавила оти ниту нејзиниот сопруг, ниту таа никогаш ниту играле, ниту добиле таков износ и оти тоа е некакво подметнување.