Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денес на прес-конференција во Владата информира дека ги разгледувал ценовните движења во малопродажната мрежа на прехранбени продукти и постоењето на можности за присуство на трговски практики кои освен што ја нарушуваат слободната пазарна економија и конкуренцијата, носат и директна штета на граѓаните.
Денеска бев во Комисијата за заштита на конкурентност и имав работен состанок. Ги изнесов моите согледувања и врз основа на тоа ќе постапат. Во одредените сектори каде што треба да се постапи, ќе постапат. Ќе го направат тоа со ресорните министерства. Тоа што е еден процес за кој што не можеме да очекуваме дека за недела-две ќе имаме решение. Убаво е што Комисијата е спремна да ја спроведе надлежноста. Јас го направив тоа што од 1,8 милиони жители можеше било кој друг граѓанин да го направи, ако смета дека тоа што се случува на пазарот не е фер, рече Битиќи за ценовните шокови.
Според него, донесувањето на Законот за нефер трговски практики е решението за ваквото однесување на пазарот. Дециден е денот кога тој ќе биде донесен, многу поралзично ќе биде однесувањето на сите на пазарот.
Битиќи најави дека ќе има мерки за превенција од високите цени на производите. Сепак порача дека во моментов, податоците не укажуваат дека треба да се донесат одредени мерки кои ќе помогнат директно на стопанството.
На крајот на денот, средствата завршуваат кај стопанствениците. Треба да видиме дали токму тој сектор кој што најмногу трпи од како што викаат потребата од антикризни мерки, дали тие треба да бидат опфатени… Ќе се разговараат во одреден момент кога ќе бидат искристилизирани. Се уште работиме кои целни групи ќе бидат опфатени, кажа Битиќи пред новинарите.
Тој појасни антикризните мерки не се носат за трговците, за како што рече, за да некаде некој не калкулира.
Антикризните мерки ќе се носат за граѓаните. Да им се помогне на тие на кои што најмногу им е потребно. Причините институционално ќе ги решаваме. Штетата ја трпат крајните корисници и таму треба да се насочиме со мерки, додаде вицепремиерот.
Битиќи очекува одредени мерки да бидат активни од почетокот на ноември.