Во неколку италијански градови, Милано, Торино и Трст повторно се одржаа демонстрации против владината одлука за задолжително поседување на сертификат за вакцинација против КОВИД „Green Pass“, јавува агенцијата „Анса“.
Во Трст, според проценките на полицијата, во саботата цело попладне демонстрираа околу 8.000 луѓе, градскиот сообраќај беше блокиран, а имаше и судир на толпа демонстранти со полицијата, која користеше палки, пренесе „Танјуг“.
Најагресивните учесници во демонстрациите се приведени во полиција.
Епидемиолошката состојба во Трст, центарот на регионот Фриули Венеција Џулија, е најлоша во последните неколку месеци, а бројот на заразени е седум пати поголем од националниот просек.
Ваквото зголемување на бројот на заболени е поврзано со протестите чии учесници не ги почитуваат анти-ковид мерките и во моментов се најбројни меѓу новозаразените.
Лидерот на антиваксерите во градот, Хуго Роси изјави дека протестите ќе продолжат се додека Владата не ја повлече својата одлука.
Во Милано демонстранти нападнаа новинари, а во Торино анархистите протестираа, како што се дефинираат, барајќи да се повлече одлуката за задолжително поседување зелени пропусници.
– Секој ден на протест значи милионски загуби – изјави генералниот секретар на Синдикатот на мали и средни продавачи (Конфкомерко), Марко Барбиери.
Протестите против ковид се одржуваат во сабота кога продавачите, според Барбиери, вообичаено заработуваат 28 отсто од вкупната неделна заработка.
Италијанската влада донесе одлука со која сите вработени се обврзани да имаат потврда за вакцинација или тест.
Многумина кои се против вакцинацијата, за да продолжат да работат, мора да се тестираат двапати неделно за инфекција, бидејќи еден анти-ковид тест важи 48 часа.
Тестирањето чини 15 евра, што е 120 евра месечно.
Покрај тоа, пред местата за тестирање, најчесто аптеки, луѓето чекаат по неколку часа за да ја извршат постапката.