Антиваксерите излегоа на протест, Филипче порача: Вакцините се безбедни

од Берта Китинска
276 прегледи

Заштити ја планетата, отстранија ја елитата“, „Мое тело – божја сопственост“, „Моето тело е мој избор“, „Стоп за присилна вакцинација“ и „Слободата нема цена“…беа дел од транспарентите на вчерашниот протест пред Собрание

Протестите против мерките на Владата за сузбивање на пандемијата на КОВИД-19 беа обележани со симболи препознатливи по митинзи и протести организирани од опозициските партии и движења. Сонциња од Вергина, пеење и скандирање против промената на името, како на митинг или протест на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Бојкотирам.

Демонстрантите на протестот палеа маски и убедуваа дека коронавирусот, кој го покоси целиот свет, не постои. Симптоматично е тоа што протестот наликуваше на партиски митинг на опозициските партии, кои се против мерките на Владата за борба против коронавирусот – ВМРО-ДПМНЕ и Левица, пропратено со патриотските обележја на Движењето Бојкотирам.

-Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот. Ако порано за бенефитот од вакцините слушавме само од вестите од светот или читавме во медицински студии, денеска веќе можеме да го потврдиме, со она што се случува кај нас. Фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините, вели во своето обраќање до граѓаните министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцините освен што се ефикасни, се исто така безбедни. Преку 1.000.000 дадени дози кај нас, без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин, се непобитен доказ за нивната безбедност. И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна. Секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки, посочува министерот.

Јас разбирам дека сѐ уште има страв и двоумење кај одреден дел од граѓаните и тоа воопшто не е за осуда. Покрај заштита на здравјето, наша должност како Влада е да ги информираме граѓаните за придобивките од вакцинацијата и тоа ќе продолжиме да го правиме.

Би сакал да им се обратам на оние кои сѐ уште се двоумат или одбиваат да се вакцинираат. Верувајте им на стручните лица и вашите доктори, но и на вашите блиски кои имале искуство со Ковид 19. Заболувањето носи голем ризик, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати. Разговарајте со луѓе кои за жал вирусот го поминале тешко, нека ви го раскажат искуството. Разговарајте со неколку доктори, медицински сестри во болницата каде живеете, нека ви споделат неколку приказни од нивното работно секојдневие, истакнува Филипче.

 

Слични содржини