АП: За Вучиќ извештајот е „гола лага“, тој користи „крајно недипломатски јазик“

од Nikola Popovski
436 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го осуди извештајот на Европскиот парламент, во кој неговата земја е повикана да се бори против корупцијата и организираниот криминал и да работи на владеењето на правото, доколку сака да влезе во Европската унија , пишува Асошиејтед прес.

Според американската агенција, Вучиќ, користејќи „крајно недипломатски јазик“, рекол дека извештајот е „гола лага“, а европарламентарците се „изгубени во времето и просторот“.

На прашањето дали извештајот, усвоен вчера во Европскиот парламент, може да го забави пристапувањето на Србија во Европската унија со притисок врз земјата да ја признае независноста на Косово, Вучиќ рекол „саркастично“ дека не може да спие од страв, јавува АП.

АП исто така пишува дека Вучиќ цитирал делови од извештајот за српското здравство и ги пофалил сопствените постапки во кризата поради коронавирусот и набавката на вакцини, главно од Кина, што ја направи Србија една од водечките земји на ЕУ во однос на вакцинираната популација.

Иако официјално бара членство во ЕУ, Србија гради сè поблиски врски со Кина и Русија под се поавтократското владеење на Вучиќ, според АП.

Агенцијата посочува дека во извештајот на Европскиот парламент се забележува влошување на слободата на медиумите во Србија и зголемување на заплашувањето и говорот на омраза кон опозицијата, независните интелектуалци, невладините организации и новинарите.

Слични содржини