Апасиев бара построги казни за семејното насилство и радикална реформа на центрите за социјална работа

По трагедијата во скопско Тафталиџе, лидерот на Левица со порака: Семејното насилство треба да се казнува построго отколку обичното

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук профил на Димитар Апасиев

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев во објава на Фејсбук порача дека семејното насилство треба да се казнува построго од обичното насилство, нагласувајќи дека основната функција на семејството е да обезбеди заштита и сигурност.

„Како што дрска кражба се казнува повеќе од обична, а убиство со умисла повеќе од убиство на миг, така и семејното насилство треба да се казнува повеќе, а не помалку од обично насилство – затоа што една од основните функции на семејството е заштитната“, напиша Апасиев.

Тој го поставува и прашањето за безбедноста на жртвите во случаи кога насилството се случува во домот, потенцирајќи дека заштитата е доведена во прашање кога насилството доаѓа од најблиските.

Апасиев повика на итна и, како што наведува, „радикална реформа“ на центрите за социјална работа, оценувајќи дека тие се заостанати и исполнети со нестручни партиски кадри. Според него, институциите мора итно да се реформираат со цел поефикасна заштита на жртвите и поефективно справување со случаите на семејно насилство.

Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.

Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.

Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.

Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации.

Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.

Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.

Слични содржини