Апасиев би употребил нуклеарно оружје ако во бифето од Собранието му дадат горко кафе, велат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
419 прегледи

Покрај СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ го осуди вчерашното однесување на пратениците на Левица во Собранието. Според партијата на Христијан Мицкоски, лидерот на Левица, Димитар Апасиев „би можел да употреби и нуклеарно оружје“.

-Среќа што државата нема нуклеарно оружје, не се сомневаме дека Апасиев би го употребил, онака лефтерно и истовремено афектно, насочувајќи го врз Собранието, кај што сам се наоѓа, чисто да ни покаже, колку тој знае да е опасен, ако во бифето му дадат горко наместо благо кафе, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Белата палата“ посочуваат дека власта и Левица, веќе подолг период, се во коалиција, во Советот на Град Скопје, како што велат, каде заедно ги гласаат сите желби на градоначалничката Данела Арсовска.

-Толку е привидно ова сценарио на власта и Левица, што ни Мисовски, ни Талат Џафери, не го повикаа собраниското обезбедување, кога 10 мин некој го крши Собранието, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Поради отфрлањето на амандманите поднесени од пратениците на Левица Димитар Апасиев и Борислав Крмов, дојде до негодување, по што Крмов го скрши мониторот на претседавачот на седницата и ги расфрла амандманите.

Апасиев во продолжението на седницата бурно реагираше и посочи дека амандманите се незаконски архивирани и отфрлени и дека поради ова претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе оди во затвор.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој претседаваше со седницата, беше смирен и продолжи да ја води седницата, нагласувајќи дека се раководел од Деловникот и дека секој амандман е направен според процедурата.

Слични содржини