
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев во „Само Вистина“ запрашан каде се гледа „Левица“ во целата оваа ситуација рече дека се гледа во некоја „делумна малцинска поддршка“, бидејќи така, според него, „убивате две муви со еден удар“ и СДСМ и ДУИ се детронизираат, „што е квантен скок“.
На прашањето дали Левица би дала поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада Апасиев одговори „хипотетски да“.
Апасиев неколкупати јавно повторуваше дека првиот услов за коалиција за формирање на владата ќе биде поништување на Преспанскиот договор.
„Прво нешто кога ќе влеземе во парламентот, првиот услов за коалиција со нас ќе биде отпочнување на процедура за поништнување на Преспанскиот договор“, изјави Апасиев неодамна.
Левица е експлицитно против зачленување на Македонија во НАТО пактот и се залага за негово расформирање! Од друга страна, Левица ги поддржува европските аспирации на Македонија, но не по секоја цена. Ако европските аспирации значат уште подив и неконтролиран пазар и приватизации, што би значело уште поголемо осиромашување на македонскиот работник и негово третирање како модерен роб, тогаш Левица е против таквите процеси, се наведува во програмата на партијата која првпат влегува во парламентот.
Од друга страна, комбинаториките за идна коалиција дефинитивно одат преку Мала Речица и ДУИ, а оттаму десната рака на Али Ахмети, Артан Груби во интервју за албанскиот весник Шкип изјави дека партијата нема да биде дел од која било коалиција во која е Левица на Апасиев.
-Не сакаме да бидеме дел од евентуално алтернативно мнозинство, каде е и Левица, за нас е неприфатливо и не сметаме на соработка со овој деструктивен и регресивен ентитет. Нашиот пат кон еднаквост и интеграција во НАТО, ЕУ не смее да биде загрозен од никого и тоа нема да го дозволиме, рече Груби.
Останува во наредните денови да видиме дали ќе се официјализира оваа постизборна коалиција и дали останатите албански партии кои влегоа во парламентот – АА и Алтернатива и ДПА, ќе се приклучат на двоецот Мицкоски – Апасиев.