Високи тонови и испраќање „отровни стрели“ на денешната седница во Собранието, од која еден дел е одвоен и за пратенички прашања. Во одговорот на прашањето на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, премиерот Христијан Мицкоски го условувал пратеникот со „Димче“. Во репликата, Апасиев му рече дека не се согласува со зборовите на премиерот.
-Почитуван северномакедонски премиер, гледам дека Димче ме викате неколку пати. Димче само мајка ми може да ме вика, така да јас може вас да ве викам Мицика, со оглед дека нема реакција од заменик-претседателот на Собранието, рече Апасиев од собраниската говорница.
Претседателот на Левица во својот одговор се надоврза на претходните коментари на Мицкоски.
-Зборувате за се друго и правите флека, а не зборувате смао за тоа што ве прашав. Факт е дека вашите часовници вредат повеќе од таа зграда. Ние купивме и подрумски простории. И на Заев истото му го имав кажано, да сум имал страв од вакви немаше да се занимавам со политика. Уште утре да ми поднесете кривична пријава. Нека ме викне вашиот министер и нека ме испрашува во полициска станица, рече Апасиев откако претседателот на Владата го обвини за наводна сомнителна купопродажба на канцеларии на партијата Левица во зграда во центарот на Скопје. Пратеникот додаде и дека „илегалната Бела палата само за струја плаќа 10 илјади евра месечно“.
Претходно Мицкоски од собраниската говорница кажа:
„Политичката партија Левица на 26.11.2024 година купила деловен имот од 409 метри квадратни на Адвокатска улица зад седиштето на зградата на компанијата А1, верувале или не, за цена од 200.000 евра. Зошто ова е кривично дело, професоре? Сега ќе ви кажам. Затоа што, Град Скопје ви пресметал данок од 709.000 денари. Ова кривично дело е преку универзална инцестициона банка. Познат ви е овој објект во Скопје?“. Ги повикa институциите да проверат дали има основа за кривично дело и дали Левица сторила кривично дело така што купила простор по цена од 721 евра за метар квадратен, а тој простор всушност вреди најмалку три пати повеќе.
Потоа му покажа фотографија од „Соравија“ на Апасиев.
„Што е заедничко помеѓу ова и ова? Извршителот Андреја Буневски. Тој е заеднички извршител за двата објекти. За Соравија очигледно не успеа бизнисот и е закажано јавно наддавање и проценета на 22.4 милиони евра, па имам дилема, дали како што го купивте овој деловен објект, а сте неподмитливите, ќе наддавате и за Соравија од 22.4 милиони евра“, додаде Мицкоски.