Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев помалку иронично го коментираше излегувањето на Арбен Таравари и неговото крило во АА од владеачката коалиција. Апасиев преку постара фотографија од 2021 година го потсети премиерот Христијан Мицкоски за владеачкото мнозинство.
„Мицика – Хоџа, Снопче и Таравари ти ги ПОВЛЕКОВ од игра. Уште Гаши и ќе си останете сами со Ацката, па ќе го барате пак Кастриот. Цела да е, брату!“, стои во пораката на Апасиев.
Сликата е од 2021 година кога тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ сподели објава со пратеници наведувајќи „имаме ново парламентарно мнозинство“. Извори од ВМРО-ДПМНЕ тогаш брифира дека прво ќе ја почекаат оставката на екс-премиерот Зоран Заев да стигне во Парламентот, но дека ако тоа не биде скоро ќе бараат гласање на доверба на Владата.
На фотографијата, покрај Мицкоски и Апасиев, се и Африм Гаши од Алтернатива – сегашен претседател на Собранието, тогашниот министер за земјоделство Аријанит Хоџа кој тогаш беше дел од Беса, како и Арбен Таравари и Халил Снопче од Алијанса за Албанците.
Таравари и неговите членови од едното крило на Алијанса пред два дена информираа дека отсега ќе настапуваат опозициски и дека нема да дејствуваат како дел од власта. Останува прашањето колку пратеници од Алијанса ќе тргнат по патот на се уште актуелниот министер за здравство, а колку ќе останат како дел од коалицијата ВЛЕН.