Апасиев до Петрушевски: Си ја помешал мојата кола – јас дојдов пешки до Собрание, а тебе не те избраа ништо во партија

Реакцијата следува откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ објави фотографија од наводно возило за кое тврди дека било пропуштено од „блокирачите“ пред Собранието

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски обвини дека лидерот на Левица, Димитар Апасиев бил пропуштен со својот автомобил и покрај блокадите на Собранието од страна на ССМ.

„Ова е колата на Апасиев, културно пропуштена од денешните блокирачи и некултурно паркирана на паркингот на Собранието? Ако некој сè уште се сомнева во политичката позадина на дејствувањето на ССМ“, стои во објавата на Петрушевски.

Ваквите тврдења ги демантираше пратеникот од Левица. Соопшти дека неговото возило има различна боја за разлика од објавениот модел.

„Хихииии… КОПУКОВ вмроиден, шо го избраа за НИШТО у партија, ја помешал мојата кола, со колата на некој вмроид!? А бе, Бране, мојата е сива боја (а не црна) – јес да има лавче. И денес, друже, ја поштено си дојдов пешки, заедно со Јована Мојсоска идевме низ град. Јес да си дворски шут, ама не те личи вака да се бламираш у етер со апла фејк-њуз. А можда и те личи, шознам. p. s. А ако ти така викаш, кој сум па ја да ти противречам“, стои во објавата на Апасиев.

„Доста ни се трошки сакаме плата“ беше една од пораките на работниците кои протестираа пред законодавниот дом. Блокадата е одговор на заглавениот закон за зголемување на минималната плата – велат од ССМ. Не се исполни очекувањето минималната плата да се најде на дневен ред на собраниската седница. ССМ не отстапуваат од црвената линија – 600 евра минимална и 6.000 денари зголемување на преостанати плати.

Работниците велат, сегашната минимална е далеку под основните трошоци за живот.

Симболиката на протестот беше да ги спречат пратениците да дојдат на работа со автомобили и да земат патни трошоци. За пратениците кои дојдоа со автомобили работниот ден почна порано од вообичаено, пред блокадата. Некои од нив пристигнаа пеш, со велосипеди, користеле и јавен превоз.

Синдикалците во четврток ќе ги блокираат работодавачите, идната недела одат пред Владата.