Апасиев до Василевска: Се надeвав дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење

„Апасиев не дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ја саботира Анкетната комисија за Кочани“, соопштија од Левица

од Nikola Popovski
85 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Во присуство на родителите, од Левица велат дека на денешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката од власта, Иванка Василевска, не се воздржаа од, како што истакнуваат, нивниот примитивизам, ароганција, докажување на нивната паника и одлепеност од реалноста.

Претседателот на Анкетната комисија, Димитар Апасиев ѝ одговори на пратеничката:

„Почитувана колешке, искрено се надeвав дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење. Вашето правно незнаење и глума како професор по право не треба да ни го продавате како теоретски аргумент.

Она што го прочитавте беше допис на Обвинителот во врска со вашата вмровска анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, гарантирана во членот 76 од Уставот.

На вистината, почитувани колешки, не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој Парламент!

Комисијата не врши истражни и други судски функции, но согласно Уставот, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции. Каква одговорност? Па се разбира дека политичка одговорност, за да немаме министер во актуелната Влада кој со службено возило оди на судење. Е, за тоа е оваа Комисија, за да утврдиме каде потфрливме ние како општество, а потоа и сите ние како пратеници“, рече Апасиев во своето обраќање до пратеничката Василевска.

Денеска започна седницата на Постојаната анкетна комисија во рамките на законодавниот дом на која ќе се расправа за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. На седницата се присутни членови на семејствата, но и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и спикерот Африм Гаши.

Во меѓувреме се очекува и формирањето на Анкетната која ја предложи парламентарното мнозинство, а на која покрај за пожарот во Кочани ќе бидат опфати и другите несреќи, пожарот во модуларната во Тетово, сообраќајните несреќи во Ласкарци, Беса Транс, Дурмо Турс.